Локација

Сала на ул. Скоевска бр.95-а, Радишани
Сала Партизан, Градски Парк
Карате Клуб Работнички

Телефон

Трајко Манасиев:
+389 78 377 750
Илија Манасиев:
+389 70 219 977

Интервју со Христо Михаилов Сенсеи (6 ДАН) Хомбу Доџо Токио

Објавено на 25/11/2011

Аикидо-вештина за самоодбрана и духовна хармонија


Преземено од idividi.com.mk

Темната уличка низ која поминувате секој ден можеби воопшто не изгледа опасно, но во овие луди времиња кога безгрижното шетање низ град веќе е далечно минато никогаш не се знае дали сте навистина безбедни. Зголемениот процент на криминал говори сам за себе, па секогаш е корисно да знаете барем неколку зафати со кои би се одбраниле во случај на напад. Токму тука на сцената настапува аикидото, кое што освен во самоодбраната може да ви помогне и во многу други области од вашиот живот. За оние кои не знаат што е аикидото тоа претставува јапонска борбена вештина, која ја користи силата на противникот за да го собори. Бидејќи станува збор за движења кои се природни и хармонични, истите може да се практикуваат без разлика на возраста и полот на личноста. Се вежба со голема физичка и психичка посветеност, позитивно влијае врз виталноста на телото, ја зајакнува самодовербата и е одличен начин за самоодбрана.

Во текот на оваа деценија низ клубот на Илија и Трајко Манасиеви 1-дан аикикаи многумина се запознале со аикидото и научиле како успешно да го практикуваат. За нешто повеќе околу оваа вештина зборуваме со нивниот учител Христо Михаилов инаку 5 дан аикикаи и со Илија Манасиев 1 дан аикикаи.

Сенсеи со оглед на тоа дека го практикувате аикидото со години, дали би рекле дека станува збор за насилна вештина?

Христо сенсеи: Знаете аикидо не е агресивен стил, туку напротив тоа е одбранбено. За да бидете агресивни не ви е потребно боречко искуство. Можете да земете една шипка и да удрите некого по глава и без да имате борбено искуство. Ако вежбате аикидо не значи дека сте агресивни. Можете да бидете агресивни, а повторно да не тренирате. Аикидото е дефанзивно, тоа нè учи како да се заштитиме, не само физички туку и психички. Едноставно нè учи како да ја заштитиме својата енергија.

Несомнено е дека за совладување на една вештина е потребна голема дисциплина, но и добро практикување на техниките. Според вас, што е поважно ?

Христо сенсеи: И двете се подеднакво важни. Ако немате внатрешна дисциплина тоа ќе се одрази и врз самата техника која ја практикувате. Нема да пристапите кон неа дисциплинирано, а со тоа и нема да ја научите прецизно. Дисциплината ја зголемува самодовербата за време на тренингот. Доколку нема дисциплина погрешно се вежба и се зголемува можноста за несакани повреди на часот.

Можете ли да ни кажете како најдобро се вежба аикидо и што значат оние поздрави кои што се практикуваат пред и по завршувањето на вежбањето?

Христо сенсеи: Смислата е во напорно и редовно вежбање бидејќи само така може да се разбере системот. Преку редовното вежбање човекот го совладува движењето, почнува природно да го владее и станува хармоничен. Во случај да не се вежба континуирано, тогаш се губи континуитетот на движењето и техниките се забораваат. Па, потоа треба одново да се почне со вежбање. Што се однесува до поздравот тоа е ритуал кој што е ист во целиот свет, а ние само го следиме Ибараки доџо кое е сопственото школо на Големиот Учител, О‘ Сенсеи, инаку основач на оваа вештина. Поздравот ONO GAESHI MAS значи покана за вежбање, додека DOMO ARIGATO GODZAI MAS претставува благодарност што сме вежбале заедно или со еден збор учтивост.

Она што е интересно е дека секој човек без разлика на својата возраст и пол може да ја практикува оваа вештина. Колку аикидото му помага на човекот да зајакне духовно, социјално и да се справи со стресот?

Христо сенсеи: Нормално е дека аикидото позитивно влијае врз целокупното здравје на еден човек. Исто така дава енергетска заштита и нè изградува психички. Се разбира дека тоа не може да направи да подигнете 200 кг ,но на крајот на краиштата зашто би го направиле тоа кога во аикидо такво нешто нема да ви биде потребно. Нема потреба да земате било какви препарати за исхрана или пак да правите специјални подготовки и вежби.

Илија сенсеи, вашиот клуб „Пат кон мирот“ успешно функционира веќе десет години, но што е уште поважно е дека со текот на годините освен што вежбате негувате и одлично пријателство со својот учител. Како се запознавте?

Илија сенсеи: Навистина беше одамна. Првпат се сретнавме на еден семинар во Бугарија . Со аикидото прво започна да се занимава мојот брат Трајко. Тогаш единственото доџо за аикидо во Скопје се викаше Аикидо клуб Скопје и го водеше Даниел Димитров. Јас почнав да вежбам како голем скептик и како партнер на брат ми. Потоа Даниел мораше да си оди и да го затвори доџото за да го отслужи воениот рок, а понатаму и се отсели. Во меѓувреме кога отидовме прв пат во Софија поради аикидото на тренингот кој го држеше јапонскиот учител Кобајаши сенсеи, го запознавме нашиот учител. Ние сме му благодариме на Бог што ни ги вкрсти патиштата и што кај Христо не најдовме само добар учител туку и добар човек. За многу работи од животот сме разговарале со него и тоа не само за аикидото. Многу нешта и сме научиле од него. Мене лично многу работи од областа на уметноста ми станаа појасни. Знаете нашиот учител е уметник по вокација.

Рековте дека на почетокот сте биле скептик. Што се смени од тогаш до сега?

Илија сенсеи: Аикидото ми го промени начинот на размислување. Многу луѓе кои ме познаваат пред аикидото ја имаат согледано промената . Се трудам принципите на аикидото да ги практикувам во секојдневниот живот. Драго ми е што имаме можност да учиме од добар учител па затоа се трудиме аикидото да излезе и надвор од школото преку комуникацијата, преку можноста да се помогне, да се гледа позитивно на животот и на крајот преку тоа и самите да станеме подобри.

Вежбате со голема посветеност и го негувате пријателството со своите ученици. Некои луѓе попрво би го зачувале сето аикидо знаење само за себе, но тоа не е вашиот случај.

Христо сенсеи: Ние имаме чест да тренираме со најголемите учители. Јас сум ученик на пазителот на храмот Исојама сенсеи, а тој е личен ученик на О’сенсеи . Со Илија и Трајко бевме заедно во Јапонија и таму бевме кај едни од најголемите учители. Се разбира има и други учители, но тие се едни од најголемите. Колку што сме забележале тие никогаш не ги криеле техниките од нас. Сè што сме прашале и сè што сме сакале да научиме ни било покажано. Секој развива свое лично аикидо. Јас на тренингот ја покажувам базата, а секој откако ќе ја совлада таа база врз неа го развива своето лично аикидо. Затоа она што треба да го направиш ако си учител е што е можно подобро и со цело срце сите знаења да ги пренесеш на учениците. После тебе ќе дојдат други луѓе кои ќе ги пренесуваат своите знаења и така натаму. Мојот учител никогаш не скрил од аикидо техниката. Ако го направиш тоа еден ден ќе одговараш на оној свет бидејќи ако си знаел нешто, а си го криел и не си го кажал си направил голем грев. Аикидото нема смисла да се крие.

Илија сенсеи: И ние се трудиме сè она што ни го пренесува сенсеи Христо за аикидото достоинствено да го пренесеме на учениците. Се трудиме целото знаење да го пренесе на учениците за да можат и тие понатаму да го покажуваат она на што сме ги научиле.

Мислам дека ова е сосема доволно за да ги заинтригираме нашите читатели околу вежбањето аикидо. Сепак имате ли нешто да додадете за самиот крај? Можеби нешто да ги посоветувате?

Христо сенсеи: Да посоветуваме?Кои сме ние да посоветуваме?Јас немам такво право , можам само искрено да им посакам да станат подобри луѓе

Илија сенсеи: Јас би ги посоветувал да вежбаат аикидо и да вежбаат кај нас бидејќи ќе научат повеќе за себе и ќе стекнат добри пријателства.

Автор: Нада Вуковиќ